• 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
  • 6
  • 7
  • 8
  • 9
  • 10
  • 11
  • 12

Проблемот со недостаток на самоиницијативност, самодоверба и недоволната информираност на младите студенти за претприемништвото, за можностите што ги нуди интернетот и е – маркетингот, развој на сопствен бизнис од своето хоби, талент со што ќе генерираат сопствени производи за остварување на приход, може да се надмине со имплементирање на нашиот предлог проект кој преку формите на интерактивна обука, заедничко дружење, практична работа, промоција ќе обезбеди надградување на капацитетите на младите студенти и ќе обезбеди услови за самовработување. Иновативноста на проектот е што младите ќе имаат можност од своето хоби, она што со љубов го работат, да развијат сопствен бизнис.
Носител на проектот „Чекори за само­врабо­тување на младите - од хоби до сопствен бизнис“ финансиран од Влада на Република Македонија е ЗХА"СИНЕРГИЈА"- Штип, а партнер е Државниот студенски дом „Браќа Миладиновци “ – Штип

ВТОР КРУГ - ПРЕС ОД 13:30 ЧАСОТ:

Почитувани,

Коалицијата "Излези да гласаш" набљудува со свои акредитирани набљудувачи во 12 општини на територијата на Република Македонија, како и со свои мобилни екипи во останатите општини.

Во однос на текот на денешниот изборен ден, покрај веќе споменатите нерегуларности од претходната прес конференција, досега имаме информација за нерегуларности, односно зголемено присуство на полициски сили во општините Кисела Вода и Кавадарци. Исто така забележано е групно гласање и нерегуларности со гласачко ливче во Штип на избирачко место број 2281 каде што постојат индикации за т.н. бугарски воз. Како што е објавено и во медиумите, забележани се партиски активисти кои вршеле легитимирање на гласачи во Македонска Каменица. Во општината Кавадарци е јавен инцидент, односно физичка пресметка најверојатно помеѓу партиски активисти.

Во однос на изборните неправилности ги повикуваме надлежните органи да дејствуваат согласно нивните задолженија, како би се обезбедила фер и демократска атмосфера за непречено одржување на фер и демократски избори.

ВТОР КРУГ - ПРЕС ОД 11:00 ЧАСОТ:

Почитувани,

Тема на денешната прва прес конференција на Коалицијата "Излези да гласаш" е информирање на јавноста за текот на изборите и излезноста во вториот круг од Локалните избори 2017 година.

"Излези да гласаш" е присутна со голем број на набљудувачи. Нашите набљудувачи се акредитирани согласно правилникот и процедурите на државната изборна комисија со цел осигурување на фер и демократски изборен процес."Излези да гласаш" е коалиција составена од 90 невладини организации и здруженија на граѓани која е предводена од невладината организација "Синергија" од Штип.

За нашите активности дополнително се информирани дипломатските претставништва, кои исто така го гледат изборниот процес. Би сакале исто така да посочиме дека медиумски ќе бидеме присутни во текот на целиот изборен ден.

Во текот на денешниот ден за време на втор круг од изборниот процес забележани се неколку нерегуларности. Утрово забележано е делење на флаери во општините Гази Баба, Кисела Вода и Штип, а во општината Чешиново-Облешево е пријавено повикување на лица на информативен разговор. Исто така евидентиран е случај на семејно гласање во општината Сарај, како и големо присуство на полициски сили низ неколку општини на територијата на Република Македонија.

ПРЕС ОД 17:30 ЧАСОТ:

Коалицијата "Излези да гласаш" набљудува со околу 1800 акредитирани набљудувачи во 44 општини на територијата на Република Македонија. Во однос на текот на денешниот изборен ден покрај веќе споменатите нерегуларности од претходниот прес, зголемени се нерегуларностите во Сарај преку семејно гласање, групно гласање и агитирање.

Во општина Кавадарци на едно избирачко место констатирано е групно гласање.
Во Гази Баба е констатирано нарушување на изборниот процес од страна на член на изборната комисија.

Нашите набљудувачи до овој момент имаат забележано голем број на нерегуларности во повеќе општини кои се во процес на обработка.

ПРЕС ОД 15:00 ЧАСОТ:

Почитувани,

Коалицијата "Излези да гласаш" набљудува со околу 1800 акредитирани набљудувачи, во 44 општини на територијата на Република Македонија.

Во однос на текот на денешниот изборен ден, покрај веќе споменатите нерегуларности од претходниот прес, до сега имаме информација за случај на семејно гласање во Сарај и агитирање во Прилеп. Ги повикуваме надлежните органи да постапат согласно законските обврски.

ПРЕС ОД 13:00 ЧАСОТ:

Почитувани,

Ви благодариме за Вашето присуство.
Денешниот изборен процес генерално се одвива во мирна атмосфера.

Забележани се пооделни случаи на партиско агитирање на дел од избирачките места како и присуство на службени лица, на кои според законските нормативи им е забрането нивно партиско агитирање и дејствување.

Вакви случаи се забележани во Струмица и Бутел, имаме и случаи на злоупотреба на државни ресурси за партиски цели. Исто така забележано е агитирање на директорите на подрачните единици на министерствата во Прилеп. Во избирачко место во Св.Петка еден граѓанин сакал да гласа за повеќе луѓе отеднаш, по што избирачкото место било времено затворено, по што гласањето е повторно продолжено. Забележани се нерегуларности и на избирачко место 2618 и 2645 во општината Карпош каде што недостасувале гласачки ливчиња.

ПРЕС ОД 11:00 ЧАСОТ:

Почитувани медиуми Ви благодариме за Вашето присуство, темата на денешната прес конференција на Коалицијата “Излези да гласаш” е информирање на сите граѓани и општествени субјекти, за случувањата поврзани со изборниот процес и излезноста на овие локални избори. Коалицијата “Излези да гласаш” ќе биде присутна и ќе ги набљудува изборите со голем број на набљудувачи, односно над 1800 акредитирани набљудувачи.

Коалицијата “Излези да гласаш” на овие локални избори се регистрираше како официјален набљудувач на изборниот процес согласно правилникот и процедурите на Државната изборна комисија, се со цел осигурување на фер и демократски изборен процес во кој секој граѓанин ќе може да го истакне своето демократско право на глас.
“Излези да гласаш” е коалиција составена од околу 90 невладини организации – здруженија на граѓани, предводена од невладината организација “Синергија” од Штип, која е активна повеќе од 15 години.

Дополнително, да напоменеме како и досега, така и овие избори за сите наши активности ќе бидат информирани дипломатските претставништа и дипломатскиот кор, кои исто така се активни набљудувачи на изборниот процес. Како за време на претходните, така и за време на овој изборен процес ќе функционираме на крајно транспарентен начин.

Сакаме да Ве информираме дека ќе бидеме медиумски присутни во текот на целиот ден додека трае изборниот процес и ќе укажуваме на сите работи за кои сметаме дека треба да бидат известени граѓаните на Република Македонија се со цел осигурување на фер и демократски изборен процес во кој секој граѓанин ќе може да го истакне своето демократско право – правото на глас.
Очекуваме фер и демократски процес, во духот на демократијата.

ЈАВЕН ПОВИК
За волонтери и набљудувачи за Локалните избори 2017

Коалицијата “Излези да гласаш“ објавува Повик за волонтери и набљудувачи за претстојните локални избори 2017 година. Коалицијата на граѓански организации „Излези да гласаш“, уште од своето формирање активно учествува во набљудувањето на изборните процеси во Република Македонија. Досегашната работа на оваа Коалиција овозможи активно набљудување на Парламентарните избори во 2008 , 2011 и 2016 година, како и на минатите локални избори во 2013, и тоа со преку 3 000 набљудувачи. Коалицијата на граѓански организации „Излези да гласаш“ обединува 93 граѓански организации од целата територија на Република Македонија. И на претстојните локални избори, kоалицијата со голем број на акредитирани набљудувaчи и волонтери активно ќе го следи изборниот процес и политичките кампањи кои се составен дел на изборите. Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани од Република Македонија кои сакаат да се пријават за акредитирани набљудувачи и волонтери да се пријават најдоцна до 5 октомври 2017, на This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. или во една од многуте наши членки кои исто така активно се вклучени во овој процес.

За да бидете набљудувач потребно е :
• Да сте граѓанин на Република Македонија;
• Да имате навршено 18 години на денот на пријавувањето за набљудувач;
• Да сте подготвени непристрасно да ги вршите задачите на набљудувач;
• Да се пријавите со испраќање на вашите податоци (име, презиме, адреса на живеење според лична карта, дата на раѓање и контакт-телефон) на погоре наведените адреси или кратка биографија.
• Да имате искуство при набљудување на претходни изборни процеси

По завршување на рокот за пријавување, сите селектирани набљудувачи ќе бидат известени по е-маил или телефон. При селекција, предност ќе имаат лицата кои веќе биле набљудувачи преку Коалицијата во некој од претходните изборни процеси. Ги охрабруваме сите зинтересирани кои досега неммат учествувано во изборниот процес како набљудувачи или волонтери да се пријават и да се стекнат со нови искуства.